Физички судир меѓу пратеници ја прекина седницата на бугарскиот парламент

12

Редовната седница на бугарското Народно собрание денеска беше прекината по сериозен инцидент во кој двајца пратеници влегоа во физичка пресметка, додека расправата се пренесуваше во живо на националните телевизии. Поради ескалацијата на конфликтот, претседателката на парламентот беше принудена да прогласи итна пауза.

Инцидентот се случил за време на излагањето на министерот за енергетика во оставка, Жечо Станков, кој информираше за плановите за изградба на нови блокови во нуклеарната централа „Козлодуј“. Во тој момент, во салата избувнала жестока вербална расправија меѓу пратеникот Гјунај Далоолу од „ДПС – Ново начало“ и Радостин Василев, лидер на партијата „МЕЧ“.

Според снимките од пленарната сала, вербалниот конфликт брзо прераснал во физички судир. Василев се обидел да го удри својот колега со клоца, по што Далоолу возвратил со туркање и обид за удар со тупаница. Обезбедувањето и други пратеници реагирале за да спречат понатамошна ескалација.

По инцидентот, седницата беше прекината, а се очекува раководството на парламентот да преземе мерки во согласност со Деловникот и да утврди одговорност за нарушувањето на редот и достоинството на институцијата.

Македонски