Албан Кадриу нов член на Судскиот совет
Со осум гласа „за“, Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска одлучи на Собранието да му го предложи Албан Кадриу од Тетово за нов член на Судскиот совет. Кадриу, дипломиран правник со положен правосуден испит, беше предложен од пратеникот Беким Ќоку, претставник на коалицијата „Вреди“.
Комисијата не го прифати предлогот на пратеничката група на „Европскиот фронт“ Арбен Исаку да биде избран за член на Судскиот совет, образложен од координаторката Рина Ајдари.
Според неговата биографија објавена на веб-страницата на Собранието, Кадриу дипломирал и магистрирал на Правниот факултет при Универзитетот на ЈИЕ, а професионалната кариера ја градел во Владата, МВР и СВР Тетово. Наведува дека има солидно професионално искуство и дека ги исполнува условите да помогне во реформите во правосудството.
На јавниот оглас за избор на нов член на Судскиот совет биле пријавени вкупно десет кандидати.
За член на Судскиот совет може да биде избрано лице кое е државјанин на Северна Македонија, дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство, положен правосуден испит и докажан интегритет. Дополнителни услови се кандидатот да е универзитетски професор по право, адвокат, поранешен судија на Уставниот суд, меѓународен судија или друг истакнат правник, како и да нема правосилна пресуда за злоупотреба на службена должност или друго кривично дело што го прави недостоен за функцијата.