Растоварени, но мотивирани: Вардар го пречекува Тулуз со цел да го завери првото место во групата

2

Ракометарите на Вардар, веќе обезбедени за следната фаза од Европската лига, вечерва ќе го пречекаат францускиот Тулуз во рамки на 6. коло. Иако натпреварот нема резултатско значење за пласманот, „црвено-црните“ најавуваат дека целат кон нова победа за потврда на првото место во групата Ф.

На вчерашната прес-конференција, тренерот Иван Чупиќ истакна дека тимот влегува релаксирано, но со истата амбиција како и секогаш.

„Зад нас е добра недела со две важни победи. Сега ни доаѓа Тулуз, натпревар без резултатско значење, но ние ќе одиме на победа. Сакаме на нашите навивачи да им покажеме дека Вардар игра максимално на секој меч. Целта ни е трофеи во домашното првенство и што подалеку да стигнеме во Европската лига,“ изјави Чупиќ.

Оптимизам пред дуелот најави и левото крило, Марио Стојановски.

„Добро го анализиравме противникот. Треба само тоа што го договараме да го пренесеме на терен. Одиме по нова победа,“ рече Стојановски.

Средбата Вардар – Тулуз ќе се одигра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, со почеток во 18:45 часот.

Пред последното коло, Вардар е лидер во групата Ф со осум бода, Кристијаштад следи со седум, Сесвете има пет, додека Тулуз е последен без освоен бод.

Makedonski