Пичаи: „Дури и најдобрите AI модели прават грешки – користете ги внимателно“

3

Извршниот директор на Alphabet и Google, Сундар Пичаи, предупреди дека моделите на вештачка интелигенција се склони кон грешки и апелираше корисниците да ги користат внимателно и во комбинација со други извори на информации, пренесува BBC.

Пичаи истакна дека е неопходно корисниците да се ослонат на „богат информациски екосистем“, а не исклучиво на генеративните AI системи.

„Затоа луѓето го користат Google Search. Имаме и други производи кои обезбедуваат подобри и поточни информации“, рече Пичаи.

Тој додаде дека алатките базирани на вештачка интелигенција можат да бидат корисни кога се работи за креативно пишување, но предупреди дека луѓето треба „да научат да ги користат за она во што се добри, а не слепо да им веруваат“.

„Горди сме на напорите за да обезбедиме најточни информации, но дури и најдобрата AI технологија денес прави грешки“, потенцираше Пичаи.

Интервјуто доаѓа во момент кога технолошката индустрија со внимание го очекува новиот модел на Google – Gemini 3.0, кој треба да ја зајакне позицијата на компанијата во трката со конкурентите како ChatGPT.

Коментарите на Пичаи се поклопуваат и со истражување на BBC спроведено оваа година, во кое се утврди дека повеќе AI ботови, вклучувајќи ги ChatGPT, Microsoft Copilot, Google Gemini и Perplexity, давале резимеа на вести со „значајни непрецизности“, и покрај тоа што им била дадена точна содржина.

Пичаи заклучи дека AI технологијата брзо напредува, но дека корисниците треба да останат критични: технологијата е моќна, но не и совршена.

Makedonski