Германија воведува нови правила за онлајн купување – задолжителна кредитна проверка и за „купи сега, плати подоцна“

3

Од 20 ноември 2025 година, Германија ќе воведе нови правила за онлајн купување, со кои драстично се менува начинот на користење на услугите „купи сега, плати подоцна“ (Buy Now, Pay Later). Овие промени, кои произлегуваат од новата европска директива за потрошувачки кредити, ќе значат дека и најмалите онлајн купувања ќе се третираат како краткорочни заеми — со задолжителна проверка на кредитната способност на купувачот.

Целта на законот е да се спречи прекумерното задолжување, особено кај младите корисници кои сè почесто користат услуги како Klarna и PayPal, што овозможуваат плаќање по 30 дена или на неколку рати, обично без камата.

Според анкетата на Schufa, речиси еден од тројца Германци користи вакви опции за одложено плаќање. Новите прописи предвидуваат дека дури и за мали износи под 200 евра или кредити со рок пократок од три месеци, ќе биде потребна формална кредитна проверка.

„Многу потрошувачи не се свесни дека овие форми на плаќање технички претставуваат краткорочни заеми“, велат од Schufa, објаснувајќи дека секоја трансакција преку „купи сега, плати подоцна“ ќе бара кредитна проверка, без оглед на износот.

Дополнително, банките и давателите на услуги ќе мора потранспарентно да ги информираат потрошувачите за реалните трошоци на задолжувањето. Ако клиентот не ја помине проверката на кредитната способност, неговата нарачка ќе биде одбиена или ќе мора веднаш да се плати.

Новите правила ќе важат и за купувања на сметка кога во процесот е вклучен надворешен давател на услуга за плаќање. За трговците се утврдуваат дополнителни услови:

  • За поголеми компании, рокот на плаќање подолг од 14 дена ќе бара проверка на кредитот;

  • За помали трговци, тоа ќе важи за рокови подолги од 50 дена.

„Со ова, понудите од типот ‘Купи сега – плати подоцна’ ќе бидат дел од Законот за потрошувачки кредити“, нагласуваат од Schufa.

Според германскиот портал Chip, новиот систем треба да спречи т.н. ‘тивко презадолжување’, кое станува сè почеста појава меѓу младите луѓе.

Корисниците на Klarna веќе можат да ја проверат својата „куповна моќ“ и кредитен лимит – што од ноември 2025 година ќе стане задолжителен дел од секое онлајн купување на рати.

Makedonski