Nothing го претстави Phone (3a) Lite — поевтина верзија со реклами на заклучен екран

4

Компанијата Nothing ја прошири својата линија на паметни телефони за 2025 година со претставувањето на Phone (3a) Lite, нов, поевтин модел кој ќе се продава по цена од 249 евра. Сепак, уредот предизвика мешани реакции бидејќи доаѓа со реклами на заклучениот екран, дел од новата функција „Lock Glimpse“.

Phone (3a) Lite е редизајнирана верзија на CMF Phone 2 Pro, лансиран претходно оваа година. Уредот задржува исти технички спецификации: MediaTek Dimensity 7300 Pro чипсет, 6,77-инчен FHD+ AMOLED дисплеј, 8 GB RAM, батерија од 5000 mAh, како и троен систем на камери — главен сензор од 50 MP, телефото леќа од 50 MP и ултра широк агол од 8 MP.

Од Nothing потврдија дека телефонот ќе добие три главни ажурирања на Android OS и шест години безбедносни закрпи, додека Android 16 се очекува „рано“ во текот на следната година.

Реклами на заклучен екран како нов бизнис модел

Во споредба со CMF Phone 2 Pro, новиот модел има стаклен заден панел наместо пластика и една единствена LED диода, наречена Glyph Light, наместо препознатливиот систем на осветлување „Glyph Interface“. Распоредот на камерите останува ист.

Phone (3a) Lite ќе биде достапен на пазарите во ЕУ, Велика Британија, Блискиот Исток и Африка, како и во Источна и Југоисточна Азија.

За да се намали цената, уредот доаѓа унапред инсталиран со Instagram, Facebook и TikTok, а функцијата Lock Glimpse автоматски прикажува реклами и вести на заклучениот екран во форма на ротирачки позадини. Компанијата нагласува дека корисниците можат целосно да ја исклучат оваа опција, било за време на првичното поставување или подоцна во поставките.

Негативни реакции на корисниците

Иако Nothing го претстави уредот и на својот Instagram профил, реакциите на корисниците беа претежно негативни.

„Што се случува со Nothing? Дизајнот е здодевен“, „Само вратете го Glyph“, „Без Glyph подобро би било да купам Xiaomi или Oppo“, „Целата серија 3 е разочарувачка“, се дел од коментарите што ги оставија следбениците под објавата.

Многумина сметаат дека компанијата се оддалечува од својот препознатлив дизајн и дека новите модели губат дел од уникатноста што ја имаа претходниците Nothing Phone (1) и (2).

Makedonski