Две пораки во шише од Првата светска војна пронајдени на австралискa плажa
Две пораки во шише, напишани од војници за време на Првата светска војна пред повеќе од еден век, испливале на брегот на оддалеченa плажa во Австралија, јавува New York Post, повикувајќи се на извештај на Австралиската радио-телевизиска корпорација (ABC).
Дебра Браун и нејзината ќерка Фелисити ги пронашле двете писма, датирани од 1916 година, завиткани во стаклено шише меѓу дуните на плажата Вортон.
Првото писмо било напишано со молив од јужноавстралискиот војник Малколм Александар Невил и било адресирано до неговата мајка. Подписот на писмото гласел: „некaде на море“.
Според историските податоци, Невил се наоѓал на бродот HMAS Ballarat, кој испловил од Аделаида на 12 август 1916 година — само три дена пред тој да го напише писмото.
Во своето обраќање до мајка си, тој напишал дека храната на бродот била „навистина добра“, освен еден оброк кој бил „фрлен во морето“, без дополнително објаснување.
„Ballarat се ниша и поскокнува, но ние сме среќни како Лари. Твојот сакан син, Малколм“, стои во пораката.
Невил бил убиен во битка во Франција во април 1917 година, кога имал само 28 години.
Браун открила уште едно писмо откако внимателно ги исушила мокрите листови. Овојпат, писмото било напишано од војникот Вилијам Кирк Харли, кој споменал дека војниците се „некаде во заливот“.
Харли ја преживеал војната и подоцна имал деца, според извештајот.
Дебра Браун го пронашла шишето додека со своето семејство учествувала во редовна акција за чистење на плажата.
„Со години собираме отпад од овој брег — досега сме наполниле цели камиони, па никогаш не прескокнуваме ништо што изгледа како ѓубре“, изјавила таа за ABC.
По откритието, Браун успеала да стапи во контакт со правнукот на Невил и со внуките на Харли, на кои планира да им ги врати писмата.
„Ова е навистина неверојатно откритие,“ изјавила таа. „Ќе го задржиме шишето и придружното писмо на Малколм, кое е адресирано до оној што ќе го пронајде.“