Македонија одигра 1:1 со Казахстан и го препушти врвот на групата на Белгија

4

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра само 1:1 против Казахстан во Скопје и со тоа го загуби првото место во квалификациската група Ј за пласман на Светското првенство.

Со овој резултат, Македонија останува втора на табелата со бод помалку од Белгија и три бода повеќе од Велс, но двете конкурентски селекции имаат натпревар помалку. Според моменталниот распоред, Белгија е најблиску до директен пласман, додека Македонија во ноември во Кардиф ќе го игра клучниот дуел со Велс за место во баражот.

Првото полувреме беше под очекувањата, а тоа го призна и селекторот Благоја Милевски, кој по мечот изјави дека погрешил со почетниот состав.

„Влеговме малку нервозно, можеби и заморот си го направи своето, но сакам да им честитам на играчите за залагањето во овие два натпревари — против Белгија и вечерва против Казахстан,“ рече Милевски.

Тој додаде дека во вториот дел Македонија изгледала многу подобро, по направените измени во формацијата 3-5-2.

„Со изданието во второто полувреме бевме поблиску до победа, но не успеавме. Ако сега ме прашувате, на почетокот немаше да играм со таа формација,“ призна Милевски.

Следниот натпревар за Македонија ќе биде одлучувачки за шансите за бараж, а исходот во групата ќе зависи и од резултатите на Белгија и Велс во нивните заостанати мечеви.

Makedonski