Двајца уапсени поради палење на возила во Аеродром
Ноќеска околу 02:20 часот, на паркингот пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром, избувнал пожар во кој биле опожарени три возила – товарно возило „Ивеко“, товарно возило „Рено“ (и двете со скопски таблички и во сопственост на правно лице од Скопје) и патничко возило „Опел“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на лице од Прилеп.
Пожарот бил изгаснат во 02:50 часот од екипа на Бригадата за противпожарна заштита – Скопје, а веднаш потоа полицијата спровела акција за откривање на сторителите.
По преземени мерки, полициските службеници од Полициската станица Аеродром и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на булевар „АСНОМ“ ги уапсиле Ф.Ц. (23) и И.Ц. (24), двајцата од Скопје, поради сомнение дека се поврзани со подметнувањето на пожарот.
Осомничените се задржани во полициска станица, а случајот е пријавен до надлежното обвинителство за понатамошна постапка.
МВР продолжува со истрагата за утврдување на мотивите и околностите околу настанот.
 
			