Кривична пријава за злоупотреби и малтретирање во домови за стари лица во Скопје
Старечки дом или затвор?
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против две сопственички на приватни домови за стари лица во Скопје – Н.Ј. (47) и Т.И. (58), поради сомнение за „продолжена злоупотреба на службената положба и овластување“ и „малтретирање при вршење на службата“.
Според истрагата на МВР и Основното јавно обвинителство, осомничените постапувале спротивно на Законот за социјална заштита, со намера да прибават имотна корист и притоа тешко ги повредиле правата на згрижените лица.
Во двата дома, еден на улицата „Рудо“ во Бутел и другиот на улица „Козара“ во Центар, биле сместени многу повеќе лица од дозволениот капацитет, без соодветна грижа, кадар и услови за живот. Дел од старите лица спиеле по две на еден кревет или на троседи, а храната што им се служела имала истечен рок на траење.
При извршените претреси било утврдено и физичко и психичко малтретирање врз згрижените лица – заклучување во простории, давање лекови без лекарски надзор и сурово однесување.
Месечната незаконска добивка што ја остварувале двете осомничени изнесувала околу 2,2 милиони денари.
По налог на јавен обвинител, сите корисници се подложени на лекарски прегледи, а домовите се затворени. За старите лица е обезбедено ново, соодветно сместување.
🟥 МВР и ОЈО најавија дека ќе продолжат со засилени контроли во приватните домови за стари лица низ целата држава.