Драстичен ценовен удар врз нафтата: Дизелот поскапува за 5,5 денари и покрај намаленото ДДВ, бензините поевтинуваат

РКЕ ги соопшти новите максимални малопродажни цени на горивата кои стапуваат на сила од утре – екстралесното масло бележи скок од 5 денари за литар.

10

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати, според која од утре граѓаните и стопанството ги очекува сериозен скок на цената на нафтата и екстралесното масло, додека цените на бензините бележат благо намалување.

Силен раст на референтните котации на светските берзи – особено кај дизелот каде е забележан раст од дури 6,77 отсто, во комбинација со поскапувањето на американскиот долар во однос на денарот за 0,753 отсто, се клучните фактори за новите корекции на ценовниците на бензинските пумпи.

Новите максимални малопродажни цени од полноќ:

  • ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V): 104,50 денари/литар (поскапува за 5,50 денари)
  • Екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 114,50 денари/литар (поскапува за 5,00 денари)
  • ЕУРОСУПЕР БС-95: 99,00 денари/литар (поевтинува за 1,50 денари)
  • ЕУРОСУПЕР БС-98: 101,00 денар/литар (поевтинува за 1,50 денари)
  • Мазут М-1 СУ: 50,078 денари/килограм (поскапува за 1,835 денари)

Берзанскиот шок посилен од даночните олеснувања

Најголем ценовен удар трпи дизелот, чија цена се зголемува за дури 5,50 денари по литар и покрај тоа што во новата пресметка на регулаторот се вградени владините антикризни олеснувања – намалената акциза од 4 денари по литар и повластената даночна стапка на ДДВ од 10 отсто. Без овие мерки, поскапувањето на нафтата на пумпите ќе беше уште подрастично.

За разлика од дизелот, кај бензините берзанската референтна цена забележа минимален пораст од само 0,96 отсто, што во комбинација со намалената акциза овозможи двата типа бензин од утре да се точат поевтино за 1,50 денар по литар.

Кај екстралесното масло за домаќинство берзанскиот скок изнесуваше 5,96 отсто, што доведе до зголемување од 5 денари за литар, додека кај мазутот берзанскиот раст од 4,08 отсто резултираше со поскапување од 1,835 денари по килограм.

Од РКЕ напоменуваат дека ова се утврдените максимални малопродажни цени на нафтените деривати, што значи дека трговците на мало можат да ги формираат цените и на пониско ниво од пропишаното.