Технолошки бум во соседна Грција: „Амазон“ и ДЕИ градат гигантски дата-центар во Кожани
Грчката национална компанија за електрична енергија (ДЕИ) и глобалниот технолошки гигант „Амазон веб сервисис“ (AWS) официјално потпишаа Меморандум за разбирање за развој на еден од најголемите центри за податоци во Југоисточна Европа. Комплексот ќе биде лоциран во областа Агиос Димитриос во близина на Кожани, трансформирајќи го овој поранешен рударски регион во модерен технолошки центар.
Почетен капацитет од 300 MW и план за проширување до еден гигават
Според постигнатиот договор, објектот во почетната фаза ќе располага со влезна електрична моќност од 300 мегавати (MW), со можност за идно проширување до импресивен еден гигават (1 GW), во зависност од пазарните услови.
Договорот предвидува долгорочен закуп од 15 години во кој грчката ДЕИ ќе ја обезбеди локацијата, градежните објекти и енергетската инфраструктура, додека AWS ќе ја инсталира и ќе управува со целокупната хардверска и софтверска ИТ-инфраструктура. Комплексот ќе се напојува исклучиво со струја од обновливи извори на енергија преку долгорочни договори, во согласност со стратегијата на „Амазон“ за нулта емисија на јаглерод до 2040 година.
Трансформација на лигнитните гиганти во центри за вештачка интелигенција
Овој капитален проект е дел од амбициозниот план на ДЕИ за зелена транзиција вреден 5,75 милијарди евра, чија цел е старите термоцентрали на лигнит во северозападна Грција да се пренаменат во дигитални центри за иновации.
Инвестицијата неодамна ја најави и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при посетата на регионот, истакнувајќи го нејзиното стратешко значење:
„На местото на старата електроцентрала во Агиос Димитриос, ДЕИ ќе изгради најсовремен дата-центар. Најмодерната инфраструктура за вештачка интелигенција во земјата ќе биде сместена токму овде, во Кожани“, порача Мицотакис.
Нови работни места и дигитален екосистем
Претседателот и извршен директор на ДЕИ, Јоргос Стасис, истакна дека крајната цел е регионот да прерасне во водечки центар за напредни технологии во регионот. Покрај дата-центарот, соработката со AWS ќе овозможи и имплементација на клауд решенија (cloud) и системи за вештачка интелигенција, што ќе отвори висококвалификувани работни места и ќе поттикне развој на поширок технолошки екосистем.