Ден за пресуда во Хаг: Специјалниот суд одлучува за вината на Хашим Тачи и раководството на поранешната ОВК

Обвинителството побара по 45 години затвор за Тачи, Весели, Селими и Красниќи за воени злосторства и ликвидација на над 100 цивили и политички противници за време на војната во Косово.

3

Специјализираните судски совети за Косово со седиште во Хаг денеска ќе ја изречат првостепената пресуда во историскиот судски процес против поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, како и тројцата високи поранешни функционери и соборци: Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во периодот од март 1998 до крајот на септември 1999 година.

Во своите завршни зборови, Специјализираното обвинителство побара судот да им изрече максимални затворски казни во траење од по 45 години затвор за секој од четворицата обвинети.

Обвинение за „здружен злосторнички потфат“ и логори на 40 локации

Четворицата поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се товарат врз основа на индивидуална и командна одговорност за десет точки од обвинението – шест за злосторства против човештвото (прогон, затворање, други нехумани дела, мачење, убиство и присилно исчезнување) и четири за воени злосторства (незаконско лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиства).

Според наводите на обвинителите, четворицата обвинети, како клучни членови на Генералштабот на ОВК, управувале со систем со кој биле притворени и злоставувани најмалку 407 лица, а најмалку 102 биле убиени. Злосторствата се случувале на повеќе од 40 локации и импровизирани притвори низ Косово, како и во два логори во Кукеш и Цахан во северна Албанија.

Жртвите на овие дела биле цивили од српска и ромска националност, но во голем број и етнички Албанци – пред сè поддржувачи на ривалската Демократска лига на Косово (ДСК), лица кои одбиле да се приклучат кон ОВК или поединци кои биле етикетирани како „соработници на српскиот режим“.

Одбраната бара ослободување: Сведочеа Кларк, Рубин и Хил

Тимовите за одбрана на Тачи, Весели, Красниќи и Селими за време на судењето ги отфрлија сите обвиненија и побараа целосна ослободителна пресуда. Нивната теза се базираше на тврдењето дека ОВК во спорниот период немала организирана хиерархиска воена команда, дека функционирала како герилско движење со независни локални командири и дека обвинетите немале ефективна контрола врз настаните на теренот.

Како клучни сведоци во корист на одбраната на поранешниот косовски претседател сведочеа врвни американски дипломати и генерали од времето на конфликтот: поранешниот врховен командант на силите на НАТО во Европа, генерал Весли Кларк, поранешниот помошник-државен секретар на САД, Џејмс Рубин, поранешниот специјален пратеник Кристофер Хил, како и Џок Кови од мисијата на УНМИК.

Маратонски судски процес со илјадници докази

Четворицата обвинети беа уапсени во ноември 2020 година, откако Тачи поднесе оставка од функцијата претседател на Косово за да се предаде на судот, а судењето официјално започна во април 2023 година.

Процесот важи за еден од најобемните во историјата на меѓународното правосудство:

  • Беа сослушани 134 сведоци (125 на обвинителството, седум на одбраната и двајца на правните застапници на жртвите);
  • Во списите беа прифатени 164 писмени изјави и над 3.000 материјални докази;
  • Во постапката учествуваа претставници на 156 директни жртви и нивните семејства.

Паралелно со овој предмет, против Хашим Тачи и уште четири лица во Хаг се води и посебна судска постапка за кривично дело попречување на правдата и влијание врз сведоци, за што обвинителството бара дополнителна казна од шест години затвор.

Денешната пресуда е првостепена, што значи дека и обвинителството и тимовите на одбраната ќе имаат законско право на жалба пред Апелациониот совет на Специјализираните совети.