Внимавајте како возите: Од сабота се активираат камерите на „Безбеден град“ на подрачјето на Велес

6

Министерството за внатрешни работи (МВР) ги известува граѓаните и возачите дека од претстојната сабота системот за електронски сообраќаен надзор „Безбеден град“ официјално започнува со редовна работа и на подрачјето во надлежност на Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес.

По успешно спроведените технички проверки и завршувањето на финалните тестирања, мрежата од камери ќе биде целосно ставена во оперативна функција на клучните патни правци и сообраќајници во Велес и регионот.

„Со целосната активација на системот ќе се овозможи континуирана и засилена сообраќајна контрола, автоматско и навремено детектирање на прекршоците, значително подигнување на нивото на сообраќајната дисциплина, како и сеопфатно унапредување на безбедноста на патиштата“, соопштија од полицијата.

Од МВР упатуваат сериозен апел до сите учесници во сообраќајот за максимална претпазливост и доследно почитување на сообраќајните правила, пропишаните ограничувања на брзината и сообраќајната сигнализација, со цел заеднички да се придонесе кон побезбеден сообраќај и заштита на човечките животи.