СДСМ удри по Владата за возачот на Јанушев, ВМРО-ДПМНЕ возврати дека опозицијата го брани криминалот
За СДСМ прашањето не завршува со апсењето на возачот. Оттаму прашаа дали тој бил само посредник, односно дали зад случајот стои и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
„Ова е ОКГ – организирана криминална група. Да беа полицијата и обвинителството слободни и да работеа по закон и стандарди, цела Влада ќе беше уапсена. Вака, дел од полицијата си ја врши својата работа, но исто како и за бодигардот на Мицкоски, на крај сите ќе бидат ослободени со повик на телефон. Овој скандал отвора и прашања за тоа каква била улогата на Јанушев во овој случај со мито? Дали возачот е само негова продолжена рака и посредник?“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш возвратија на нападите на СДСМ, обвинувајќи ја опозицијата дека го штити криминалот.
„Колегите од СДС очигледно ги помешале лончињата. Толку се заглибени во криминал што мислат сите се како нив. Па кога ќе се апсат митаџии и криминалци тие сакаат таа слика да ја претстават за сите. Уапсениот вработен се обидел да земе мито, и веднаш бил обработен од МВР, дадени бележани пари и сега е зад решетки и се води постапка за него. Да беше во време на СДС немаше ништо од ова да се знае, затоа што никој немаше да биде санкциониран, а тие пари одамна ќе легнеа кај некој од главешините на СДС. Ова денес, низ овој и многу други примери се гледа дека има правна држава и дека владее законот за сите. Е тоа криминалецот Венко не може да го разбере. Не ја разбираме хистеријата со која настапува СДС. Со тоа што саботираат делување на институции покажуваат дека и понатаму СДС и Венко Филипче бранат криминал. Но Венко е бастионот на криминалот во државата и уште 1.000 како Ислам Абази да има, нема да го спасат. Оваа Влада покажа дека се бори против криминалот секаде и против сите кои направиле незаконитост“, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера го уапси возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев. Тој се сомничи дека барал пари за посредување при вработување, по што полицијата организирала акција со обележани пари.