Алармантен пораст на западнонилската треска: Четири жртви и 38 заболени во Македонија

8

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави нови, загрижувачки податоци за ширењето на западнонилскиот вирус во земјава. Заклучно со 18 август, регистрирани се вкупно 38 случаи, а црниот биланс се искачи на четири починати лица. Ова претставува нагло зголемување на интензитетот на епидемијата, со оглед на тоа што кон крајот на минатиот месец беа евидентирани само осум заболени.

Скопје е главно жариште на вирусот

Најголемиот дел од заболените, односно 37 лица, се од скопскиот регион, додека еден случај е регистриран во Велес. Починатите се мажи на возраст од 62 до 83 години, сите од Скопје, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со тешки компликации. Кај три од жртвите биле евидентирани и претходни хронични заболувања, што дополнително ја влошило нивната состојба.

Статистиката покажува дека вирусот почесто ги погодува мажите – од вкупно 38 заболени, 28 се мажи, а 10 се жени. Само во последната недела се регистрирани 12 нови случаи и три смртни исходи.

Засилени мерки: Дезинсекција и СМС-пораки до граѓаните

Здравствените власти и локалните самоуправи одговорија со интензивирање на мерките за сузбивање на комарците, кои се примарни преносители на вирусот. Покрај редовната авионска и терестичка дезинсекција, се вршат и дополнителни третмани на стоечките води низ Скопје и околните општини.

Како дел од превентивната кампања, започна и масовно информирање преку СМС-пораки. Планирано е околу 38.500 граѓани во најзасегнатите подрачја да добијат директни упатства и препораки за заштита.

Препораки од ИЈЗ за лична заштита

Експертите од ИЈЗ потсетуваат дека превенцијата е клучна, со оглед на тоа што не постои специфична вакцина или лек за овој вирус. Граѓаните се повикуваат:

  • Да ги отстранат садовите со стоечка вода околу своите домови (саксии, гуми, канти);
  • Да користат заштитни мрежи на прозорците и репеленти за кожа;
  • Да избегнуваат подолг престој на отворено во периодите на зори и самрак, кога активноста на комарците е најголема.