Еколошки аларм од СДСМ: Дива депонија кај Рашче ја загрозува водата за пиење за Скопје и околината
Опозициската СДСМ предупредува на сериозна еколошка закана по здравјето на граѓаните, посочувајќи дека околината на клучниот извор „Рашче“ е претворена во дива депонија. Од партијата алармираат дека оваа локација, која е под строга еколошка заштита, е затрупана со отпад, што претставува директен ризик за контаминација на водата со која се снабдува главниот град и околу 25% од населението во државата.
Ризик по безбедноста на водата и храната
Од СДСМ истакнуваат дека стравичната слика од теренот, која првично беше обелоденета во медиумите, сведочи за тотален институционален молк и негрижа од страна на актуелната власт.
„Ова е директна закана за водата за пиење и за здравјето на граѓаните. Станува збор за подрачје каде не само што се наоѓа изворот, туку се произведуваат и земјоделски производи кои завршуваат на пазарите. Кој го дозволува овој еколошки геноцид пред очите на власта на Мицкоски?“, прашуваат од опозицијата.
Обвинувања за неодговорност и неспособност
Партијата упати критики и до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој е и претседател на ЗЕЛС, нагласувајќи дека наместо социјален маркетинг, потребна е итна заштита на стратешките ресурси. Според СДСМ, во моментов над 50 населени места во државата се соочуваат со загадена вода, а досега никој не понел одговорност за таквата состојба.
„Кој го штити изворот Рашче и кој ќе гарантира дека водата е безбедна? Не смее да се чека да се случи катастрофа од огромни размери за да се реагира. Граѓаните имаат уставно право на чиста и безбедна вода, а Македонија не смее да биде заложник на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во партиското соопштение.
Од СДСМ бараат итна истрага од надлежните инспекторати и итно расчистување на депонијата, како и конкретни одговори за тоа како е дозволено создавање на ваков ризичен отпад во заштитена зона.