НОЌНИ АКЦИИ ВО КАРПОШ: Глоби и опомени за угостителите поради хаос со урбаната опрема

7

Комуналната и градежната инспекција на Општина Карпош ги интензивираа вонредните контроли на терен, со посебен фокус на почитувањето на правилата за поставување урбана опрема. За време на последните инспекциски надзори, спроведени во вечерните часови, констатирани се серија неправилности кај дел од локалите во оваа скопска општина.

При контролата на објектите, инспекторите утврдиле дека неколку сопственици на кафе-барови и ресторани поставиле маси, столови и друга опрема надвор од дозволените граници предвидени со закон.

Казни и опомени за прекршителите

Како резултат на констатираните отстапувања од одобрените елаборати, инспекциските служби презедоа конкретни мерки:

  • Изречена е парична глоба за еден правен субјект кој грубо ги прекршил правилата;
  • Издадени се неколку опомени до сопственици кај кои се утврдени помали технички отстапувања, со обврска итно да го усогласат јавниот простор со документацијата.

Апел за ред на јавните површини

Општина Карпош упати јасен апел до сите угостители доследно да ги почитуваат законските одредби и условите утврдени со Елаборатот за урбана опрема. Целта на овие активности е да се спречи узурпацијата на тротоарите и пешачките патеки, со што ќе се овозможи непречено движење на граѓаните и уреден изглед на населбите.

Од локалната самоуправа најавуваат дека вонредните ноќни контроли ќе продолжат во континуитет и во наредниот период, а секој обид за непочитување на прописите ќе биде соодветно санкциониран.

Македонски