АЛАРМАНТНО ВО КАВАДАРЕЧКО: Пожарот не се става под контрола, регистрирани нови жаришта
Ситуацијата со пожарите во околината на Кавадарци останува критична и во текот на ноќта. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вечерва потврди дека поради силината на огнената стихија и специфичната вегетација, во моментов е невозможно пожарот да се стави под целосна контрола.
На терен, заедно со противпожарните екипи, е и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој директно учествува во координацијата на активностите.
Смреките го хранат пламенот
Според првиот човек на ДЗС, најголем проблем создаваат смреките кои придонесуваат за нагло разгорување на огнот.
„Пожарот во кавадаречко е сè уште активен. Зафатена е претежно нискостеблеста вегетација, а силниот пламен кој периодично се појавува е последица на согорувањето на многубројните ниски смреки. Храбрите кавадаречки пожарникари ќе продолжат со борбата против огнената стихија во текот на целата ноќ“, изјави Ангелов.
Се отвораат нови жаришта кај Камен Дол и Цирково
Додека трае битката со постојниот пожар, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира за појава на нови критични точки во регионот. Градоначалникот Јанчев пријавил уште два нови пожари:
- Кај Камен Дол: Во близина на каменоломот „Градба промет“, каде гори трева и ниска шума.
- Помеѓу селата Цирково и Манастирец: Каде постои реален ризик за брзо ширење и создавање на голем пожарен фронт.
Надлежните апелираат на максимална будност на месното население и предупредуваат дека високите температури и сувата вегетација се исклучително погодни за натамошна ескалација. Сите расположливи ресурси на локалната самоуправа и ДЗС остануваат мобилизирани на терен.