СДСМ АЛАРМИРА: По Гостивар и во Валандово водата е небезбедна – институциите се пред колапс
Случаите со загадената вода во Гостивар и појавата на зголемено ниво на арсен во водоводот во Валандово се јасен показател за сериозни системски слабости во државата, оцени денеска опозициската СДСМ. Според партијата, овие инциденти не се случајни, туку се резултат на неспособноста на Владата да го заштити јавното здравје на граѓаните.
Откако Гостивар беше погоден од масовна епидемија поради контаминирана вода, СДСМ посочува дека сега и граѓаните на Валандово се соочуваат со сличен страв. ЈП „Комунален сервис“ – Валандово веќе издаде препорака водата да не се користи за пиење поради концентрации на арсен над дозволените граници.
Системски проблеми и партизација на институциите
За СДСМ, главниот виновник е Владата, која според нив, дозволила колапс на контролните механизми.
„Ова се сериозни системски проблеми. Слабата институционална контрола и поставувањето кадри според партиски клуч, наместо според стручност, доведоа до ситуација граѓаните со недели да користат небезбедна вода. Владата нема капацитет да обезбеди ефикасна заштита и контрола врз основните услови за живот“, се вели во соопштението.
„Кој град е следен на листата за загадена вода?“
Опозициската партија обвинува дека извршната власт е фокусирана на други приоритети и политички калкулации, додека системите што треба да ја гарантираат безбедноста на граѓаните не функционираат.
„Прашуваме кој ќе биде следниот град што ќе се соочи со ваков опасен проблем? Додека институциите потфрлаат, граѓаните живеат во страв за сопственото здравје. Потребна е итна одговорност и воспоставување на ефикасен систем за мониторинг на јавното здравје кој нема да дозволи вакви пропусти во иднина“, порачуваат од СДСМ.
Партијата апелираше до надлежните здравствени инспекторати и Институтот за јавно здравје да извршат вонредни контроли на сите водоводни мрежи во државата, со цел да се спречат нови здравствени катастрофи.