ВМРО-ДПМНЕ: Неспособноста на СДС, ДУИ и Таравари го доведе Гостивар во колапс и го загрози здравјето на илјадници граѓани

13

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати остри обвинувања до локалните власти во Гостивар, предводени од коалицијата СДСМ, ДУИ и крилото на Арбен Таравари. Според партијата, неспособноста и аматеризмот во управувањето со општината довеле до масовно труење и директно загрозување на животите на граѓаните.

Од партијата посочуваат дека постои сериозен сомнеж за криминално и незаконско постапување со водоводниот систем, што резултираше со над 1.000 граѓани кои побараа лекарска помош.

„Пумпање“ на отпадни води во водоводната мрежа

ВМРО-ДПМНЕ се повикува на првичните информации од истражните органи, според кои општинските власти свесно поставиле пумпи во отпадни води за вештачки да го зголемат притисокот во мрежата.

„Ова е вистинското лице на локалната самоуправа во Гостивар. На непрофесионален, аматерски и незаконски начин ги извршуваат обврските за кои граѓаните ги избрале. Да ги оставите сограѓаните без елементарното право на чиста и безбедна вода за пиење е доказ дека СДС, ДУИ и Таравари немаат никаков капацитет да ја водат општината“, стои во партиската реакција.

Повик за итна и кривична одговорност

Од партијата нагласуваат дека во овие моменти се солидаризираат со гостиварчани и изразуваат длабока загриженост за здравствената состојба на заболените, меѓу кои има голем број деца.

„Граѓаните заслужуваат достоинствени услови за живот, а не да живеат во страв поради неодговорното владеење. Бараме и очекуваме целосно расветлување на случајот од страна на сите надлежни институции. Повикуваме секој кој со своите постапки го ставил во опасност животот на граѓаните, итно да одговара согласно законот“, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата заклучува дека овој скандал е кулминација на лошото менаџирање на општината, кое наместо решенија за проблемите со водата, донело здравствена катастрофа.

Македонски