Нешковска: Состојбата во Гостивар е алармантна, институциите да не молчат, а Владата да не ја политизира кризата

21

Советничката од општинскиот Совет на Гостивар, Ема Нешковска упати остар апел до надлежните институции и политичките чинители за одговорно постапување во врска со здравствената криза во Гостивар. Таа ја оцени состојбата како високоризична и побара итни одговори за попречувањето на истрагата на терен.

Во својата реакција, Нешковска нагласи дека во моменти кога јавното здравје е сериозно загрозено, најмалку се потребни политички прес-конференции и пресуди без докази.

Зошто биле попречувани стручните лица при земање мостри?

Нешковска изрази сериозен сомнеж и загриженост поради информациите дека одредени лица се обиделе да ги спречат експертите кои, по наредба на јавен обвинител, земале примероци од водата за анализа.

„Никако не можам да разберам зошто некој би попречувал стручни лица кои работат по налог на обвинител за да утврдат дали водата е безбедна за пиење. Токму преку тие анализи ќе се открие изворот на загадувањето. Јавноста сè уште нема одговор дали тие лица кои попречувале се легитимирани и дали се преземени мерки против нив“, истакна Нешковска.

Повик за вонредна седница на Советот на Општина Гостивар

Таа побара итна вонредна седница на Општинскиот совет на која надлежните ќе мора да дадат конкретни одговори и мерки за заштита. Според неа, реалната бројка на заболени е поголема од официјалната, бидејќи голем дел од граѓаните се лекуваат во домашни услови или кај матичните лекари.

„Сето ова чини – од набавката на флаширана вода до лекувањето и отсуството од работа. Но, најмногу чини неизвесноста низ која поминуваат граѓаните. На тоа некој треба сериозно да мисли“, додава таа.

Апел до Владата: Справување со кризата, а не политизација

Нешковска побара од Владата активно да се вклучи во надминување на состојбата, наместо да се фокусира на прогласување политички виновници пред институциите да ја утврдат фактичката состојба.

„Доколку некој има одговорност, таа треба да се утврди низ законска и транспарентна постапка, а не преку политички пресуди. Владата треба да биде предводник во справувањето со кризата, а не во нејзина политизација. Ова е тест за сите нас – дали во интерес на јавното здравје ќе постапиме професионално или ќе дозволиме граѓаните да ја платат цената на несовесното постапување“, заклучи Нешковска, упатувајќи желби за брзо закрепнување на заболените и поддршка за медицинскиот персонал.

Македонски