Д-Р ПАНОВСКИ АЛАРМИРА: Во Гостивар има илјадници заболени, епидемиолозите мора итно да прогласат епидемија

2

Познатиот микробиолог, професор д-р Никола Пановски, упати остри критики до епидемиолошките служби поради непостапување во врска со масовната здравствена криза во Гостивар. Според неговите проценки, реалниот број на заболени е далеку поголем од официјалните статистики и веќе одамна се исполнети условите за официјално прогласување епидемија.

Пановски тврди дека во Гостивар во моментов владее епидемија на гастроентеритис која зафатила огромен процент од населението.

„Ова не е политика, туку ваша професионална должност“

Во својата реакција објавена на социјалните мрежи, микробиологот изнесе фрапантни бројки кои укажуваат на сериозноста на состојбата.

„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. Има 1.500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5.000 граѓани кои воопшто не се јавиле на лекар. Во еден град заболеле речиси 30 проценти од населението од иста болест, а надлежните велат дека нема услови за прогласување епидемија. Епа, браво“, напиша иронично Пановски.

Тој упати директен повик до своите колеги епидемиолози, потсетувајќи ги дека нивното дејствување не смее да зависи од политички калкулации.

„Епидемиолози, каде сте? Ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате и професионална обврска кон граѓаните“, порача професорот.

Институциите сè уште ги чекаат наодите

Додека медицинската фела алармира за итна акција, државните институции сè уште се во фаза на истрага. Иако бројот на пациенти со стомачни тегоби, повраќање и висока температура постојано расте, официјалните лица остануваат на ставот дека конечната одлука за прогласување епидемија ќе се донесе дури по пристигнувањето на целосните лабораториски анализи.

Во меѓувреме, Гостивар останува без вода за пиење од градскиот водовод, а истрагата е фокусирана на сомнението дека во системот била вбризгувана нетретирана вода од реката Вардар.

Македонски