Владата ја продолжи кризната состојба со нафта: Мерки за заштита од ценовни шокови до октомври
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлука за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Наместо досегашниот рок кој истекуваше на 21 јули, кризната состојба ќе биде на сила до 20 октомври годинава.
Оваа одлука доаѓа како превентивен механизам со кој државата си обезбедува правна основа за брза интервенција во случај на евентуални нарушувања на глобалниот пазар или ненадеен недостиг на енергенси.
Превенција од пазарни нарушувања
Според владиното соопштение, продолжувањето на рокот овозможува континуитет во институционалното постапување. Целта е институциите да имаат одврзани раце за навремено преземање мерки доколку дојде до значителни ценовни шокови на меѓународните берзи, кои би можеле негативно да се одразат врз домашната економија.
„Целта е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција. Со ова сакаме да ја зачуваме стабилноста во снабдувањето, да ги ублажиме последиците од евентуални пазарни потреси и пред сè, да го заштитиме животниот стандард на граѓаните и стопанството“, појаснуваат од Илинденска бр. 2.
Следење на енергетските пазари
Владата нагласува дека останува посветена на внимателно следење на состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар. Доколку околностите го наложат тоа, најавено е носење на дополнителни мерки за да се осигура сигурно и стабилно снабдување.
По комплетирање на внатрешните процедури, оваа одлука ќе биде доставена до Собранието на Северна Македонија на конечно разгледување и усвојување, согласно законските надлежности.