СКАНДАЛ ВО ПЛАТЕЖНАТА АГЕНЦИЈА: Директорката со навреди до вработените – „Си го ладеа г*зот, сега нека си го топлат“

17

Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Даниела Иротова Лазарева, предизвика бура во јавноста откако до сите вработени испрати официјален мејл со недоличен и навредлив речник. Како казна за наводен дефект и несовесно користење на климатизацијата, таа на вработените им порача дека отсега ќе работат без ладење, користејќи вулгарни фрази.

Во официјалната електронска комуникација до вработените во една од клучните државни институции, Иротова Лазарева соопштува дека донела одлука за целосно исклучување на системот за ладење. Причината, според неа, е дефект на пумпата предизвикан од невнимание, но она што го згрози колективот е начинот на кој директорката ја соопштува казната.

„Си го ладеа г*зот, сега нека си го топлат слободно“, стои во мејлот на директорката, која според сопственото тврдење, само цитирала изјави на вработени, но ги употребила за да ја оправда својата одлука за работа во нехумани услови на летните температури.

„Вратите се отворени за тие што не можат да издржат“

Наместо институционално решавање на техничкиот проблем, Лазарева преку пораката испрати и директна закана до сите кои би се пожалиле на високите температури во работните простории. Таа порачува дека на оние на кои не им одговараат ваквите услови, „вратите им се отворени“ и можат веднаш да си побараат друго решение, алудирајќи на напуштање на работните места.

Ваквиот начин на комуникација од страна на носител на јавна функција во државна администрација предизвика остри реакции во јавноста и кај синдикалните организации. Експертите за јавна администрација укажуваат дека користењето на вулгарен речник во официјална кореспонденција е тешка повреда на етичкиот кодекс за државни службеници и директен мобинг врз вработените.

Засега нема информации дали надлежните министерства или Владата ќе преземат мерки против директорката за ваквото недолично однесување и загрозување на здравјето на вработените во екот на топлотниот бран.

Македонски