Уапсен Александар Лазаров кој избега од полициската станица во Кочани

1

По неколкудневна интензивна потрага, полицијата утрово го лиши од слобода 41-годишниот Александар Лазаров од Кочани. Бегалецот, по кој беше распишана и меѓународна потерница откако успеа да побегне од притворските простории во Кочани, е лоциран и приведен на територијата на Скопје.

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека акцијата за негово приведување била реализирана од страна на полициски службеници од СВР Скопје – Единица за потраги. Лазаров бил пронајден врз основа на претходно добиени оперативни информации за неговата локација.

„Денеска (14.07.2026), по преземени мерки за пронаоѓање на лице за кое е распишана централна и меѓународна потерница, од слобода е лишен Александар Лазаров (41) од Кочани. Лицето се бараше по наредба на Основен суд Кочани за сторено кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори’“, се наведува во соопштението на МВР.

По приведувањето, Лазаров веднаш е спроведен во полициската станица во Кисела Вода за понатамошна постапка и негово спроведување до соодветна казнено-поправна установа.

Случајот со Лазаров предизвика сериозни реакции во јавноста откако тој минатата недела успеа да избега низ прозорец од полициската станица во Кочани, каде што беше задржан под сомнение за трговија со дрога. Поради овој инцидент, директорот на Бирото за јавна безбедност најави внатрешна контрола за утврдување на одговорност кај полициските службеници кои биле на должност за време на неговото бегство.

Македонски