Марта Кос со директна порака од Скопје: ЕУ не дава гаранции за нови билатерални спорови, реалноста мора да се прифати

2

Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, денеска престојува во официјална посета на Скопје, носејќи јасна и одлучна порака до македонските власти: Европската Унија нема да понуди дополнителни гаранции дека во текот на пристапниот процес нема да се појават нови билатерални пречки.

„Гаранции не добила ниту една земја-кандидат“

Во пресрет на средбата со премиерот Христијан Мицкоски, Кос во интервју за МИА отворено одговори на барањата на македонската Влада за обезбедување политички осигурувања пред евентуалното спроведување на уставните измени.

„Вистината е дека ниту една земја-кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на пристапувањето, сè до моментот на финалната ратификација на договорот. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ и важно е да се прифати оваа реалност“, децидна е еврокомесарката.

Со овој став, Брисел практично ја затвора вратата за предлогот на македонската Влада за „гаранции“ кои би спречиле нови барања од Бугарија, нагласувајќи дека правилата на Унијата се непроменливи и важат подеднакво за сите.

Шанса што се случува еднаш во генерацијата

И покрај јасната порака за билатералните спорови, Кос упати пофалби за досегашниот учинок на земјата во однос на Реформската агенда, оценувајќи го процесот како успешен. Таа потенцираше дека сега е моментот државата да покаже ист политички капацитет и во преговарачкиот процес.

„Доаѓам во Скопје за да ја охрабрам Владата. Сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето“, порача Кос, сугерирајќи дека фокусот треба да биде насочен кон исполнување на преземените обврски наместо барање алтернативни решенија.

Клучен состанок во Владата

Денешната средба меѓу Кос и Мицкоски се очекува да помине во знак на ова суштинско несогласување. Додека македонскиот премиер инсистира на заштита на процесот од идни вета, еврокомесарката доаѓа со став дека довербата во ЕУ се гради исклучиво преку спроведување на веќе потпишаните договори и добрососедските односи.

Македонски