Нов бран случаи на семејно насилство, седум лица лишени од слобода во повеќе градови низ земјата

0

Во изминатото деноноќие, Министерството за внатрешни работи евидентираше најмалку осум случаи на семејно насилство во повеќе градови низ државата, при што беа приведени повеќе лица осомничени за физички напади, закани и агресивно однесување кон членови на нивните семејства.

На 04.07.2026 во 01:40 часот, на улицата „Црн Дрим“ во Струга, од слобода е лишен А.А.(46) од Струга, по претходна пријава дека ја нападнал неговата мајка. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 03.07.2026 во 18:05 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода П.С.(47) од Скопје, по претходна пријава дека околу 17:45 часот, на подрачјето на Центар, физички ја нападнал неговата 40-годишна партнерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Од СВР Велес извршија службен разговор со 17-годишен малолетник од Велес, во присуство на родител и претставник од Центар за социјални работи Велес, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал и ѝ се заканувал на неговата 82-годишна баба. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Исто така во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода З.М.(49) од Велес, постапувајќи по претходна пријава од 62-годишна велешанка, дека и се заканувал во домот каде живеат заедно. Известени биле јавен обвинител и Центар за социјални работи Велес и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

И во третиот случај во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода С.Д.(70) од Велес, постапувајќи по претходна пријава дека во домот и се заканувал на неговата 69-годишна сопруга. Тој бил задржан во полициска станица, известени биле јавен обвинител и Центар за социјални работи Велес и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Џ.М.(29) од Струмица. Според пријавеното, тој во повеќе наврати агресивно се однесувал кон неговата 28- годишна сопруга, а на 03.07.2026 година отишол пред домот на родителите на сопругата, каде била таа и нивните малолетни деца и упатувал закани. Лицето е задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање н случајот, против Џ.М. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Исто така од СВР Тетово, од страна на неговите родители било пријавено дека 16- годишник од Тетово во семејниот дом, агресивно се однесувал, кршел предмети во домот и со нож им се заканувал на нив и на неговата сестра. Малолетникот е лишен од слобода, известен е јавен обвинител и Центарот за социјални работи Тетово и по документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода С.М.Д.(52) од Штип, по претходна пријава дека на 03.07.2026 околу 23:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 44-годишна сопруга. За настанот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Македонски