СДСМ: Мицкоски подготвува изборен грабеж преку електронското гласање за дијаспората

4

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) упати серија остри обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека најавените измени во Изборниот законик за воведување електронско гласање на дијаспората имаат за цел да овозможат „изборен грабеж“ и манипулација со гласовите.

„Електронското гласање е параван за злоупотреба на 200.000 гласа“

Според СДСМ, тврдењето на премиерот дека електронското гласање се воведува за да им се олесни на иселениците е „чиста лага“. Од партијата посочуваат дека дијаспората и сега има право на глас според постојниот модел, а инсистирањето на новиот механизам е обид да се надомести падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ во земјава преку гласови од странство кои би биле без соодветна контрола.

„Главната цел е да се истурка законик кој ќе овозможи злоупотреба на 200.000 гласа. Додека граѓаните во татковината поминуваат низ строги процедури со биометриска идентификација и отпечаток од прст, Мицкоски сака за дијаспората да нема никакви правила и контрола. Тоа е рецепт за кражба на избори“, се вели во партиското соопштение.

Обвинувања за закани и политички прогон

Опозицијата дополнително го обвини премиерот за изрекување закани од собраниската говорница упатени кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Иако Мицкоски во телевизиско гостување негираше дека се заканувал, од СДСМ потсетуваат на неговата изјава дека „луѓето ќе бидат среќни кога ќе го видат Филипче зад решетки“.

„Мицкоски повторно лаже. Граѓаните слушнаа како се заканува со затвор и политички прогон за неистомислениците. Тој постојано ги навредува граѓаните нарекувајќи ги со погрдни имиња, а сега се обидува да се ретерира од сопствените зборови“, реагираат од Бихаќка.

„Кој лаже, тој и краде“

Од СДСМ заклучуваат дека премиерот ја користи истата реторика со која лажел за Преспанскиот договор, евроинтеграциите и економските успеси на земјата. Опозицијата најавува формирање на „фронт за вистина и правда“ кој ќе се спротивстави на ваквите политики и ќе инсистира на одговорност пред законот за сите злоупотреби.

Премиерот Мицкоски претходно ги повика СДСМ и Левица на разговор за изнаоѓање модалитет за гласањето на дијаспората, било електронски или преку писма, отфрлајќи ги обвинувањата за манипулација како неосновани.

Македонски