Филипче ја промовираше „Скопската иницијатива“: Потребен е заеднички регионален фронт против криминалот и национализмот
Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче, денеска упати повик за итно обединување на прогресивните сили од Западен Балкан во борбата против национализмот, популизмот и организираниот криминал. На меѓународната конференција на која беше официјално промовирана „Скопската иницијатива“, Филипче порача дека регионот е исправен пред историски предизвик кој бара заеднички одговор од сите демократски чинители.
Според лидерот на СДСМ, антиевропските сили денес се поорганизирани од кога било и дејствуваат со единствена цел – да ја спречат интеграцијата на регионот во Европската Унија.
„Црна коалиција“ меѓу криминалот и политиката
Во своето воведно обраќање, Филипче алармираше за опасната спрега помеѓу организираниот криминал и ретроградните политички елити.
„Особено загрижува блиската соработка помеѓу организираниот криминал и националистичко-популистичките структури. Криминалните мрежи, заштитени од ретроградните политички елити, најмногу стравуваат од реформите во владеењето на правото што ги носи европската интеграција. Тие имаат заеднички интерес да го блокираат напредокот“, нагласи Филипче.
Тој предупреди дека домашниот национализам и екстремизмот сè почесто се здружуваат во „заеднички фронт“ кој директно ги поткопува демократските вредности и реформските процеси во државите од Западен Балкан.
Скопската иницијатива како платформа за отпор
Како одговор на овие закани, Филипче ја претстави „Скопската иницијатива“ како нова форма на регионално поврзување на социјалдемократските партии, прогресивните организации и поединци.
„Повеќе од кога било, на нашиот регион му е потребна силна прогресивна коалиција подготвена да му се спротивстави на овој регрес. За да ја победиме оваа ‘црна регионална коалиција’, мора да одговориме со единство, солидарност, координирани напори и долгорочна соработка“, порача претседателот на СДСМ.
Филипче заклучи дека нема друга алтернатива освен меѓусебна поддршка за зачувување на европскиот пат и социјалната правда. Тој повика на конкретна акција и споделување на знаењето меѓу прогресивните сили, со цел да се обезбеди демократска иднина за сите граѓани во регионот.