ВМРО-ДПМНЕ: Дипломатски успех на Македонија на светската сцена – СДСМ и Филипче во паника од реалните резултати

6

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја истакна серијата дипломатски успеси постигнати во изминатиот период, истовремено обвинувајќи ја опозициската СДСМ дека работи против напредокот на државата. Според партијата, новата динамика во надворешната политика веќе дава конкретни и видливи резултати, кои се препознаени од највисоките меѓународни претставници.

Како еден од клучните докази за напредокот, ВМРО-ДПМНЕ ја посочува посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој упати јасни пораки за исполнувањето на реформската агенда.

„Македонија доби 65,7 милиони евра од Планот за раст на ЕУ, што е за 50% повеќе од земјите како Црна Гора и Албанија. Дополнително, нацрт-извештајот на Европскиот парламент потврдува дека државата е јасно препознаена како европски партнер посветен на регионалната стабилност и стратешката соработка со ЕУ и НАТО“, се наведува во соопштението.

Историско членство во ЕКОСОК и стратешки партнерства

Од владејачката партија нагласуваат дека македонската дипломатија извојувала голема победа со изборот на Македонија за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за периодот 2027-2029 година. Според нив, ова е првпат државата да биде дел од ова клучно тело на ОН, што претставува потврда за зајакнатиот кредибилитет.

На билатерален план, ВМРО-ДПМНЕ ги истакнува стратешките договори потпишани со клучните сојузници како САД, Обединетото Кралство, Хрватска и Унгарија, како и ратификацијата на договорот со Бугарија за реализација на стратешкиот Коридор 8.

Крај на „коленичењето“ и поданичкиот однос

Партијата упати остри критики кон претходната власт на СДСМ, обвинувајќи ја за неспособност и потчинување на државните интереси.

„Се стави крај на неработењето, коленичењето и понижувањето на македонската дипломатија пред други држави. Додека претходниците се сликаа на автопатишта и делеа провизии, оваа Влада работи достоинствено и со државнички однос кој денес го поздравуваат голем број земји-членки на ЕУ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата заклучуваат дека напредокот на државата не го гледаат само СДСМ и Венко Филипче, кои според нив, под поимот „успех“ подразбираат единствено промена на Уставот и редефинирање на македонската историја по бугарски терк. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ порачува дека ќе продолжи со политиките кои го штитат националното достоинство и водат кон вистинска европска интеграција.

Македонски