ВЛЕН: ДУИ ги користи студентите како штит за сопственото 22-годишно фијаско; Мицкоски најавува законско решение
Студентските протести за полагање на правосудниот испит на албански јазик станаа нова точка на политички судир меѓу коалицијата ВЛЕН и опозициската ДУИ. Додека „интегративците“ обвинуваат за дискриминација, од ВЛЕН возвраќаат дека токму кадрите на ДУИ се историските виновници за актуелната состојба.
Од коалицијата ВЛЕН упатија остри критики до раководството на ДУИ, обвинувајќи ги дека се обидуваат да го инструментализираат студентскиот револт за сопствена политичка рехабилитација.
„Целата јавност веќе сфати дека одредени структури влегоа во валканата игра на ДУИ. Студентите се користат како алатка за да се вратат во живот Бујар Османи, Блерим Беџети, Талат Џафери и другите ‘фотељаши’ кои народот ги избрка на изборите. Го почитуваме правото на протест, но сме против обидите на ДУИ да го користи како покритие за своето 22-годишно фијаско во власта“, соопштија од ВЛЕН.
Кој го „запечати“ исклучувањето на албанскиот јазик?
ВЛЕН прстот го впери директно кон поранешниот собраниски спикер Талат Џафери. Според партијата, тој е клучниот виновник бидејќи во 2019 година со свој потпис го „запечатил исклучувањето на албанскиот јазик од правосудниот испит“.
Од друга страна, ДУИ останува на ставот дека неможноста правосудниот испит да се полага на мајчин јазик претставува директно кршење на Уставот и подривање на меѓуетничкиот соживот. Тие ја обвинуваат актуелната власт за непостапување и нарушување на принципот на еднаквост.
Владата подготвува ново решение
Во дебатата се вклучи и премиерот Христијан Мицкоски, кој испрати порака до студентите да не подлегнуваат на провокации и политички манипулации. Тој потврди дека Владата веќе работи на трајно законско решение за ова прашање.
„Владата подготвува решение со кое правосудниот испит ќе може да се полага на албански јазик. Апелирам до студентите да бидат трпеливи и да не дозволат нивниот искрен собир да биде политички злоупотребен од оние кои имаа две децении да го решат овој проблем, а не го сторија тоа“, изјави неодамна Мицкоски.
Очекувањата се дека новото законско решение наскоро ќе се најде пред пратениците во Собранието, со што би се затворило ова отворено прашање кое предизвика тензии во образовниот и политичкиот сектор.