Фронт меѓу ЕСМ и Обвинителството: Се спинуваат изјави за да се оправда запирањето на истрагата за мазутот

5

Институционалниот судир околу набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“ ескалира откако државните Електрани на Македонија (ЕСМ) упатија сериозни деманти до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Спорна е клучната точка – дали компанијата претрпела финансиска штета и кој бил овластен да го тврди тоа пред истражните органи.

Претходно, од ОЈО ГОКК во изјава за медиумите соопштија дека помошник-директор и советник за комерцијални работи биле овластени од генералниот директор на ЕСМ да дадат искази како сведоци и претставници на оштетената страна на 4 март 2026 година. Врз основа на нивните тврдења дека нема штета, Обвинителството ја донесе одлуката за запирање на постапката.

ЕСМ: Техничките лица не се компетентни за финансиски анализи

Од ЕСМ денеска експресно реагираа, тврдејќи дека Обвинителството манипулира со дадените искази. Според компанијата, вработените кои се појавиле на сослушувањето биле испратени единствено за да ги образложат техничките процеси и реализацијата на планот за производство, а не финансискиот аспект на набавката.

„Тие лица ниту биле овластени, ниту се компетентни, а најмалку се одговорни да даваат коментари за евентуална финансиска штета. Нивната улога беше само технички да појаснат како се трошел мазутот согласно производниот план“, се вели во соопштението на ЕСМ.

Спинување и злоупотреба на исказите

Од државните електрани појаснуваат дека нивните претставници, одговарајќи на прашања од адвокатите на осомничените, само констатирале дека количината на произведена струја соодветствува со потрошениот мазут. Со тоа потврдиле само дека нема штета врз производниот план, но не и дали набавката била извршена по пазарни цени и согласно тендерот.

„Токму тие технички искази сега се злоупотребуваат за спинување и за правдање на обвинителката дека Наредбата за запирање на постапката била резултат на изјава од АД ЕСМ дека немало материјална штета“, обвинуваат од компанијата.

Овој демант фрла нова сенка врз одлуката на ОЈО ГОКК да го затвори случајот со мазутот, кој со месеци ја бранува јавноста поради сомнежи за проневери од милионски размери. Останува отворено прашањето дали по ваквиот став на ЕСМ, Вишото јавно обвинителство ќе ја преиспита одлуката за запирање на истрагата.

Македонски