Филипче: Од ВМРО беа против Преспанскиот договор, ќе го враќаа името, а сега го фалат членството во НАТО
Од ВМРО беа против Преспанскиот договор, ќе го враќаа името, а сега го фалат членството во НАТО, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, укажувајќи лицемерието на ВМРО, кое денес ги менува ставовите.
„Што ветуваа, дека ќе го вратат името и дека ќе го поништат Преспанскиот договор? Гласаа против, а сега министерот Муцунски гостува на „Еуроњуз“ и кажува колку НАТО, било позитивна стратешка одлука за иднината на државата и креирање на клима за инвестиции. Па вакво разобличување на уште една нивна лага на ваков европски канал досега немало. Луѓето коишто беа против НАТО, коишто беа против Преспанскиот договор, луѓето коишто ќе го поништуваа Преспанскиот договор и ќе го враќаа името, сега го фалат членството во НАТО. Ги излажаа луѓето“, потенцираше Филипче.
Филипче посочи дека граѓаните јасно гледаат дека најголеми предавници на иднината се Христијан Мицкоски и неговата криминална организација кои свесно го блокираат патот кон ЕУ и ја држат земјата во изолација.
„Граѓаните сега јасно гледаат. Најголеми предавници на иднината се Христијан Мицкоски и неговата криминална организација. Затоа што нема поголем патриотизам од признавање и потврдување на македонскиот идентитет и јазик во рамки на Европската Унија“, истакна Филипче.