ВЛЕН најавува суштинска децентрализација: Општините да бидат носители на развојот, а не „политички плен“

5

Коалицијата ВЛЕН претстави нова политичка визија за локалната самоуправа, ставајќи ја децентрализацијата во самиот центар на својата програма. Од таму порачуваат дека е време за суштинска трансформација на начинот на управување, каде општините ќе добијат вистинска автономија и стабилни финансии, наместо да бидат само извршители на политиките од централната власт.

Според ВЛЕН, вистинската демократија се гради во локалните заедници каде што граѓаните секојдневно функционираат. Нивната програма предвидува засилена фискална децентрализација, поттикнување на локалниот економски развој и олеснување на прекуграничната соработка.

Како стратешки пример за ваквиот пристап, од партијата го посочуваат проектот за поврзување на Тетово и Призрен. Овој проект, според нив, има за цел драматично да ја зајакне инфраструктурната и економската поврзаност меѓу граѓаните од двете страни на границата, отворајќи нови пазари и можности.

„Потребна е нова етапа во која општините нема да се третираат како политички плен, туку како функционални институции кои им служат на граѓаните. Децентрализацијата не смее да остане само формален процес на хартија“, велат од ВЛЕН.

Програмата предвидува и поголеми ингеренции на локалните власти во сферата на образованието, со посебен фокус на основното и средното образование, со цел подигнување на квалитетот на услугите директно во заедницата.

Од ВЛЕН упатија и остри критики кон досегашните политики на претходните власти. Според нивната оценка, децентрализацијата со години била свесно запоставувана заради лични интереси и лошо управување, што резултирало со општини кои се соочуваат со слаб развој и неефикасни услуги за жителите.

Со оваа иницијатива, ВЛЕН најавува отворање на ново поглавје во локалното управување, каде општините ќе прераснат во стабилни институции со јасно дефинирани надлежности и сопствени ресурси за раст.

Македонски