ТРОЈЦА ПОЧИНАТИ И МАСОВНА ЕВАКУАЦИЈА: Епидемијата на хантавирус на крузерот „Хондиус“ го вклучи здравствениот аларм во светот
Над 90 туристи од повеќе земји се дел од сложената меѓународна операција за евакуација од холандскиот крузер „Хондиус“, закотвен кај Канарските Острови, откако на бродот изби епидемија на смртоносниот хантавирус. Болеста досега однесе три човечки животи, а здравствените власти ширум светот преземаат ригорозни карантински мерки за патниците кои се враќаат во своите матични држави.
Драматична евакуација: Од авион директно во карантин
Транспортот на патниците се одвива под строг надзор на Светската здравствена организација (СЗО) и шпанската влада. Дека ситуацијата е сериозна потврди и францускиот премиер Себастијан Лекорну, кој информираше дека еден нивни државјанин развил симптоми на вирусот за време на чартер-летот од Тенерифе кон Париз.
По слетувањето на аеродромот Ле Бурже, петмина евакуирани патници биле пречекани од медицински тимови во целосна заштитна опрема и веднаш транспортирани во париската болница Биша. По 72-часовен строг медицински надзор, тие ќе бидат упатени на 45-дневна домашна самоизолација.
Слични безбедносни протоколи се активирани и во Шпанија, каде што 14 нивни државјани се префрлени од Тенерифе во Мадрид и се сместени во задолжителен карантин во воена болница. Во Велика Британија, патниците кои слетаа во Манчестер моментно не покажуваат симптоми, но се испратени во 72-часовна изолација пред да се процени нивната натамошна состојба.
САД користат „биолошки капсули“ за транспорт
Американските здравствени власти применија највисоко ниво на претпазливост. Министерството за здравство на САД соопшти дека за време на евакуацијата на 18 Американци, двајца патници биле транспортирани во специјални единици за биолошка изолација внатре во авионот. Кај еден од нив се појавиле благи симптоми, додека друг бил позитивен на андскиот сој на хантавирусот.
Операцијата за репатријација продолжува, при што се организираат летови и за државјани на Турција, Ирска, Австралија и Холандија.
Опасност од пренос од човек на човек
Пристигнувањето на крузерот на Канарските Острови предизвика сериозна загриженост кај локалните власти поради ризикот од ширење на инфекцијата. Иако хантавирусите примарно се пренесуваат преку глодари, експертите од СЗО стравуваат дека патниците се заразени со сојот од Андите (Јужна Америка), кој е специфичен по тоа што може да се пренесува и од човек на човек. Симптомите вклучуваат висока температура, екстремен замор, болки во мускулите, повраќање и отежнато дишење.
Лекции за нов пандемиски бран
Епидемијата на „Хондиус“ започна во април, кога беше регистриран првиот смртен случај на 11 април. Кон крајот на истиот месец почина 69-годишна Холанѓанка во Јужна Африка, а на 2 мај беше регистрирана и третата жртва. Дел од заразените патници сè уште се лекуваат во болници во Холандија, Јужна Африка, па дури и на оддалечениот остров Тристан да Куња, каде што помош пружаат британски воени лекари.
Хелен Кларк, копретседател на Независниот панел за подготвеност за пандемии (IPPR), предупредува дека овој инцидент е сериозен тест за глобалното здравство.
„Сè уште нема доволно средства за поддршка на системите за рано откривање и одговор. Мораме да се обединиме и да реагираме многу подобро отколку што тоа го направивме за време на коронавирусот“, заклучи Кларк.
Откако сите патници ќе бидат евакуирани, крузерот „Хондиус“ ќе исплови кон Холандија, каде што ќе биде извршена темелна дезинфекција на бродот.