Политички земјотрес во Бугарија: „Прогресивна Бугарија“ со апсолутно мнозинство, само четири партии во новиот парламент

7

Според податоците од 100% паралелно пребројување на социолошката агенција „Маркет ЛИНКС“, во партнерство со БТВ, составот на 52-то Народно собрание на Бугарија драстично се стеснува. Само четири политички субјекти успеаја да го поминат прагот за влез во парламентот, додека партијата на Румен Радев, „Прогресивна Бугарија“, извојува доминантна победа.

Резултати и распределба на мандатите

Новата политичка формација „Прогресивна Бугарија“ забележа историски резултат, освојувајќи 44,4% од гласовите, што и обезбедува комотно мнозинство од 140 пратенички места.

Останатите три формации кои влегуваат во парламентот се:

  • ПП-ДБ: 12,8% (41 пратеник) – го преземаат второто место;

  • ГЕРБ-СДС: 12,4% (39 пратеници);

  • ДПС: 6,3% (20 пратеници).

Најголемото изненадување на овие избори е неуспехот на етаблираните партии како „БСП-Обединета левица“ (3%) и „Преродба“ (3,8%), кои не успеаја да ја прескокнат бариерата од 4%. Под прагот останаа и МЕЧ, „Сијание“, „Величие“, ИТН и АПС. Излезеноста изнесуваше 51,9%.

Радев: „Победа на моралот“

Претседателот Румен Радев ја оцени победата на „Прогресивна Бугарија“ како „безапелациона“.

„Ова е победа на моралот и само прв чекор кон враќање на довербата кај граѓаните“, изјави Радев по објавувањето на првичните резултати.

Анализа на социолозите: Нов феномен на политичката сцена

Според Добромир Живков од „Маркет ЛИНКС“, „Прогресивна Бугарија“ успеала да привлече широк спектар на гласачи, особено од младата генерација која претходно гласала за ГЕРБ. „Станува збор за сосема нов тип политички феномен кој апсорбира сериозна електорална сила од сите поголеми партии – од ГЕРБ и ПП-ДБ, па сè до ’Преродба’“, истакна Живков.

Борјана Димитрова од „Алфа Рисерч“ додава дека растот на партијата бил исклучително остар во последните денови од кампањата, што резултираше со целосно прекројување на политичката мапа во земјата.

Македонски