Вардар на чекор од шампионската титула – решавачки натпревар со Охрид во четврток
Ракометарите на Вардар се во одлична позиција за освојување на шампионската титула во домашното првенство, со четири бодови предност пред актуелниот првак Еурофарм Пелистер. Клучниот натпревар против Охрид е закажан за четврток во „Јане Сандански”, а со оглед на бесплатниот влез клубот ги повика навивачите да ја наполнат салата.
Четири бодови предност, еден натпревар помалку
Вардар моментално има четири бодови предност пред главниот конкурент Еурофарм Пелистер, кој очекувано го победи Бутел во четвртото коло од плеј-офот. Сепак, вардарци имаат еден натпревар помалку – оној против Охрид, кој беше одложен поради настапот на охриѓани во четвртфиналето на Европскиот куп, каде остварија историски успех со победа над Олимпијакос во Атина.
Решавачки дуел во четврток
Натпреварот кој може да биде пресуден за титулата, Вардар – Охрид, ќе се одигра во четврток, 2 април, со почеток во 18:30 часот во салата „Јане Сандански”.
Од таборот на Вардар се свесни дека дуелот нема да биде лесен и затоа решија вратите на салата ширум да ги отворат за навивачите.
Бесплатен влез и повик до навивачите
„Ова е моментот кога тимот има потреба од секој глас, од секоја поддршка и од полни трибини. Вардар се бори за враќање на титулата во Скопје, а токму ваквите натпревари се оние што ја прават разликата. Да ја наполниме салата. Да создадеме атмосфера каква што само Вардар знае”, порачаа од клубот.