Леброн Џејмс пред враќање во Кливленд? Сè поизвесна последна сезона во Лејкерс

Легендата на НБА лигата Леброн Џејмс сè поизвесно ја игра последната сезона во дресот на Лос Анџелес Лејкерс, но неговата кариера можеби нема да заврши таму. Според информации на ЕСПН (ESPN), постојат сериозни шанси четириесет и едногодишниот кошаркар повторно да го облече дресот на Кливленд Кавалирс.

0

Новинарот Брајан Виндхорст, еден од најдобрите познавачи на кариерата на Џејмс, во поткаст емисија на „Кливленд радио” изнесе информации дека постојат реални можности за враќање на Леброн во Кливленд – градот каде што ја започна својата НБА кариера и каде го освои историскиот прв шампионски прстен за франшизата во 2016 година.

Главната пречка за реализација на трансферот е финансиска. Џејмс би требало да се согласи на значително намалување на својата плата за да го овозможи преминот, што претставува клучен момент во евентуалните преговори.

Леброн Џејмс, кој во јануари наполни 41 година, е најдобриот стрелец во историјата на НБА лигата. Во текот на својата легендарна кариера настапувал за три франшизи – Кливленд Кавалирс, Мајами Хит и Лос Анџелес Лејкерс – освојувајќи вкупно четири шампионски прстени.

Доколку се реализира враќањето во Кливленд, тоа би претставувало трето поглавје на Леброн во дресот на Кавалирсите и емотивен крај на една од најголемите кариери во историјата на кошарката.

Македонски