Верстапен со остра критика кон правилата за 2026: „Ослободете се од батериите, не сакам Формула Е”

2

Четирикратниот светски шампион Макс Верстапен повторно отворено ги критикуваше новите технички регулативи на Формула 1 за 2026 година, повикувајќи го спортот целосно да се откаже од батериите и да се фокусира на моќни мотори со внатрешно согорување. Холанѓанецот, познат по својата директност, новите болиди ги нарече „Формула Е на стероиди”.

„Не ги зголемувајте батериите – отстранете ги”

Формула 1 се подготвува за нова техничка ера од 2026 година, во која електричната енергија ќе учествува со речиси 50 отсто во вкупната моќност на болидите. Верстапен, меѓутоа, не крие дека не е импресиониран од оваа насока.

Запрашан дали Формула Е би можела да прерасне во позначајна развојна серија за возачи, со оглед на технолошката сличност со идната Формула 1, шампионот беше категоричен.

„Се надевам дека не. Не станува збор за возачите – таму има многу квалитетни имиња. Но јас не сакам да бидеме блиску до Формула Е. Сакам да останеме Формула 1. Не ги зголемувајте батериите, туку ослободете се од нив и фокусирајте се на добар, моќен мотор. Оставете ја Формула Е да биде тоа што е, а ние да останеме тоа што сме”, порача Верстапен.

„Живееме во слободен свет”

На прашањето дали добил забелешки од челниците на Формула 1 или Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) поради јавното критикување на производот што тие се обидуваат да го промовираат, Холанѓанецот реагираше во свој препознатлив стил.

„Јас само го споделувам моето мислење. Живееме во слободен свет, имаме слобода на говор и го кажав тоа што го чувствувам. Не мора сите да се согласуваат со мене, но кога ќе добијам прашање, одговарам искрено”, рече Верстапен.

Ред Бул: Предизвикот ќе го направи уште подобар

И покрај тонот на неговите изјави, тимот Ред Бул не е загрижен за мотивацијата на својот прв возач. Шефот на тимот, Лорен Мекис, изрази уверување дека токму предизвикот на новите правила ќе го извлече најдоброто од Верстапен. Мекис смета дека Холанѓанецот ќе биде првиот кој ќе ги совлада сите трикови на новиот хибриден погон, слично како што го направи тоа со претходните регулативи.

Сепак, останува отворено прашањето дали техничките предизвици ќе бидат доволни за да го задржат Верстапен во Формула 1 на долг рок. Самиот возач нагласи дека неговата иднина во спортот зависи повеќе од задоволството при возењето отколку од самото победување.

Македонски