МАКЕДОНИЈА ВО „ГРУПАТА НА СМРТТА“: Омерагиќ смета дека Б-дивизијата е вистинскиот тест за нашите можности

8

Македонската фудбалска репрезентација доби исклучително тешка група во петтото издание на Лигата на нации. Ждрепката во Брисел одлучи „рисовите“ во Б-сегментот да ги одмерат силите со селекциите на Шкотска, Швајцарија и Словенија, што претставува еден од најголемите предизвици за нашиот национален тим во последно време.

Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, непосредно по извлекувањето истакна дека ова е друштвото во кое припаѓа Македонија и дека токму ваквите мечеви се патот до вистинскиот напредок.

„На вакви дуели се станува фудбалер“

Претседателот Омерагиќ не го криеше фактот дека противниците се од врвен ранг, но нагласи дека победите во пониските дивизии (Ц и Д) веќе не се реално мерило за квалитетот на македонскиот фудбал.

„Објективно гледано, извлековме силни противници. Швајцарија и Шкотска веќе обезбедија пласман на Светското првенство, а Словенија е селекција со исклучителен квалитет. Но, Македонија многупати досега покажала дека знае да го извлече најдоброто токму против фаворитите. Ако некој посакува да играме само во Ц или Д дивизија за да победуваме лесно, тоа е самозалажување. На вакви дуели се станува фудбалер и токму тука ќе видиме колку навистина вредиме,“ изјави Омерагиќ за официјалниот сајт на ФФМ.

Целосна доверба во селекторот и тимот

Федерацијата најави максимална поддршка за стручниот штаб и фудбалерите, потенцирајќи дека нема потреба од страв, туку од храбра игра со карактер и желба за докажување.

„Веруваме во селекторот и во нашите фудбалери. Оваа група ќе ни овозможи јасно да видиме каде сме во однос на европската елита. За нашите репрезентативци овие натпревари треба да претставуваат уживање, но и највисок професионален тест,“ додаде претседателот на федерацијата.

Швајцарија прва доаѓа во Скопје

Македонската репрезентација циклусот во Лигата на нации ќе го отвори пред домашната публика. Првиот натпревар од групата го играме на домашен терен, а противник ќе ни биде моќната селекција на Швајцарија, што се очекува да биде вистински фудбалски спектакл за македонските навивачи.

Македонски