Македонија меѓу носителите во плејофот за СП по завршувањето на групната фаза на ЕП
По победата на Холандија над Грузија со 31:26 во последното коло од Групата Е во прелиминарната фаза на Европското првенство, целосно е јасна сликата околу репрезентациите што обезбедија статус на носители во плејофот за пласман на Светското првенство што следната година ќе се одржи во Германија.
По завршувањето на групната фаза, познати се 12-те репрезентации што ја продолжуваат борбата за медали и за директен пласман на Мундијалот, како и 12-те селекции што се елиминирани од шампионатот. Од елиминираните, четири репрезентации добија статус на носители во плејофот за Светското првенство, додека шест ќе играат претквалификациски двомеч во март. Две селекции, пак, ја избегнаа таа фаза, но нема да бидат носители во баражот.
Германија и Данска, иако меѓу најдобрите, нема да учествуваат во плејофот за Светското првенство – Германија како домаќин, а Данска како актуелен светски шампион веќе имаат обезбеден настап.
Останатите 10 репрезентации што се во трката за медали истовремено ќе се борат и за четири директни визи за Светското првенство. Тоа се: Шпанија, Франција, Норвешка, Португалија, Словенија, Унгарија, Исланд, Шведска, Хрватска и Швајцарија. Репрезентациите што нема да обезбедат директен пласман ќе се приклучат на плејофот како носители.
Во плејофот како носители ќе играат и Фарските Острови, Македонија, Холандија и Австрија, што значи дека македонската репрезентација ќе има поволна позиција при ждрепката.
Можни противници на Македонија во баражот се селекциите од следните двојки: Србија или Литванија, Полска или Латвија, Грција или Белгија, Црна Гора или Финска, Грузија или Израел, како и репрезентациите на Италија, Босна и Херцеговина и Чешка.