КФМ закажа All Star спектакл на 21 декември – ден посветен на македонската кошарка

9

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за недела, 21 декември, закажа вистински кошаркарски спектакл – All Star ден, посветен на славење на македонската кошарка, заедништвото и вредностите што ја обединуваат кошаркарската заедница.

Овој ден е замислен како празник на играта, на кој играчите, тренерите, судиите, делегатите и клубовите се на иста страна, обединети околу љубовта кон кошарката.

Во рамките на All Star денот ќе се одиграат три натпревари, како и дополнителни атрактивни содржини за публиката.

12:00 часот – All Star натпревар за македонските надежи (М20)

Сите 11 клубови кои настапуваат во М20 лигата – мажи, се задолжени да достават по еден играч (име и презиме) од својот клуб, по електронска пошта.

  • Вкупно номинирани од клубовите: 11 играчи

  • Останатите 13 играчи ќе бидат избрани од стручните штабови на двете екипи

  • Изборот ќе се изврши во среда во 14:00 часот, во просториите на КФМ

15:00 часот – Женски сениорски All Star натпревар

Изборот на кошаркарки ќе се реализира по следниот принцип:

  • 8 клубови од „Шпаркасе Лајф“ Првата лига – жени доставуваат по еден домашен играч (вкупно 8)

  • Останатите 7 домашни играчи, како и 12 странски кошаркарки, по препорака на матичните клубови, ќе ги изберат стручните штабови

  • Изборот ќе се одржи во среда во 13:30 часот, во просториите на федерацијата

18:00 часот – Машки сениорски All Star натпревар

  • 12 клубови доставуваат по еден македонски кошаркар

  • Останатите домашни и странски играчи ќе бидат избрани од стручните штабови

  • Изборот ќе се одржи во среда во 13:00 часот, во просториите на КФМ

Атракции и свечени награди

Покрај трите All Star натпревари, ќе бидат организирани и:

  • Натпревар во шутирање тројки

  • Натпревар во забивање

Во паузите меѓу четвртините ќе се одржи и свечено доделување награди и признанија за најуспешните поединци и колективи во сезоната 2024/25.

Македонски