Македонски фудбалер меѓу жртвите во терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј
Во терористичкиот напад што се случи на плажата Бонди во Сиднеј, животот го загубија 16 лица, а меѓу жртвите е и 27-годишниот Ден Елкајам, фудбалер на македонскиот фудбалски клуб Рокдејл Илинден.
Трагичната вест ја потврдија од клубот, изразувајќи длабока тага и сочувство до семејството, пријателите и соиграчите на Елкајам.
„Со огромен шок и тага соопштуваме дека нашиот фудбалер Ден Елкајам беше жртва на страшните и бесчувствителни настани што се случија на плажата Бонди во недела, на 14 декември 2025 година. Ден беше интегрален дел од нашиот тим, исклучително талентиран фудбалер и многу почитувана личност меѓу соиграчите. Нашите мисли и најдлабоко сочувство се со неговото семејство, пријателите и сите кои го познаваа. Ќе недостасува. Нека почива во мир“, соопштија од Рокдејл Илинден.
Според официјалните информации, во нападот биле повредени вкупно 40 лица. Во моментот на инцидентот, на плажата се одржувал настан по повод првиот ден од еврејската прослава на празникот Ханука.
Австралиските власти ја квалификуваа пукотницата како терористички напад и истрагата е во тек.