„Вреди“ со конечен договор за кадровските промени: Беким Сали вицепремиер, Бакиу нов министер за здравство
Коалицијата „Вреди“ ги финализираше кадровските предлози што ќе му ги достави на премиерот Христијан Мицкоски за пополнување на испразнетите министерски позиции по локалните избори, потврдија за „Слободен печат“ високи партиски функционери.
Според договореното, Беким Сали ќе биде предложен за прв вицепремиер и министер за евроинтеграции, Мухамед Хоџа за министер за животна средина, Орхан Муртезани за амбасадор во Брисел, а Башким Бакиу за нов министер за здравство. Актуелниот министер за здравство Азир Алиу треба да биде именуван за директор на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
По изборот на Изет Меџити за градоначалник на Чаир и испразнувањето на неколку позиции во извршната власт, во „Вреди“ се водеа интензивни внатрешни разговори за распределба на ресорите. По повеќе варијации и предлози, договорот бил постигнат деновиве.
Доколку премиерот Мицкоски ги прифати предлозите, се очекува владината реконструкција да влезе во собраниска процедура до крајот на неделата.
Првичната идеја беше пратеникот од Алтернатива, Беким Сали, да го преземе местото вицепремиер за добро владеење, додека актуелниот вицепремиер Арбен Фетаи да го замени Орхан Муртезани во ресорот за европски прашања. Во таа комбинација, Муртезани требаше да биде поставен за заменик министер за одбрана, позиција која остана празна по излегувањето на дел од Алијанса за Албанците од Владата.
Мухамед Хоџа – поранешен владиен портпарол – уште од почетокот беше фаворит за ресорот животна средина, заедно со Недим Рама од кабинетот на Меџити.
Најголемо изненадување во договорот е предлогот директорот на Заедничките служби при Клиничкиот центар, Башким Бакиу, да го преземе Министерството за здравство. Тој би го заменил Азир Алиу, кој на функцијата министер беше само пет месеци.