Словенија ги признава македонските возачки дозволи

5

Словенија ги усвои измените на Законот за возачи, со кои им се овозможува на сопствениците на возачки дозволи издадени во Северна Македонија да го заменат документот без полагање на практичниот дел од возачкиот испит, доколку имаат регулиран престој во државата.

Оваа одлука, донесена вчера, претставува значително олеснување за македонските државјани кои живеат и работат во Словенија. Истата поволност важи и за државјаните на Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово.

Според прописите, возачите од Северна Македонија ќе можат да ја заменат својата дозвола во рок од една година од денот на пријавување на престојот во Словенија. Иако нема да го полагаат практичниот дел од испитот, ќе мора да достават доказ за ментална и физичка способност за управување моторно возило, односно важечко здравствено уверение.

Сандра Газинковски од партијата „Слобода“, претставник на предлагачите на измените, истакна дека целта не е да се воведат привилегии, туку да се отстранат непотребните административни бариери.

„Тоа е административна пречка што ги забавува процедурите за вработување и им создава дополнителни трошоци, чекање и непотребни тестирања на луѓето“, рече Газинковски, нагласувајќи дека мерката значително ќе им го олесни животот на странските работници.

Од друга страна, дел од опозицијата се спротивстави на измените, предупредувајќи дека ваквото решение може да има последици врз безбедноста во сообраќајот.

Makedonski