Синоќа истече хемиска пена на бул. „Александар Македонски“ – Град Скопје најавува строги санкции
Фотографии што синоќа се појавија на социјалните мрежи предизвикаа загриженост кај скопјани, поради појава на бела хемиска пена на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека градските служби веќе презеле мерки по издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје.
„Овластените инспектори веднаш излегоа на терен и направија детален увид. На лице место беше затекната алармантна состојба – од средишната шахта на булеварот истекуваше масивна количина хемиска пена, која потекнува од правен субјект што стопанисува во непосредна близина“, изјави Ѓорѓиевски.
Според него, станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина. Надлежните институции веднаш презеле конкретни активности.
„Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот и од пеноматот во сопственост на правното лице. Утре ќе биде анализиран елаборатот за животна средина што субјектот е должен да го поседува, за да се утврдат причините и евентуалните неправилности во неговите оперативни процеси. Врз основа на наодите, ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки“, нагласи градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека нема да има никакви отстапувања и дека секој што ги прекршува законите, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните ќе се соочи со целосната сила на институциите.