Евакуација во центарот на Скопје поради сомнителен куфер кај штабот на ВМРО-ДПМНЕ

11

ОБНОВЕНО:

Полицијата ја заврши евакуацијата и проверките околу штабот на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје, откако утрово беше пријавен сомнителен куфер. Според Министерството за внатрешни работи (МВР), предметот не претставувал безбедносна закана.

Од МВР информираат дека на видео надзорот биле забележани две лица кои подолго време го разгледувале просторот, при што едното лице оставило куфер во близина на плоштадот ВМРО.

„Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен и не претставува закана по безбедноста“, соопштија од полицијата.

Поради сомнежот, зградите околу штабот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), беа привремено евакуирани, а на терен интервенираше антитерористичката единица.

По завршените проверки, ситуацијата е нормализирана и вработените се вратија во објектите.


Неколку згради околу штабот на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје се евакуираат, откако утрово бил забележан сомнителен куфер во близина на плоштадот ВМРО.

Според првичните информации, вработените во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), чија зграда се наоѓа веднаш до седиштето на партијата, добиле наредба веднаш да ја напуштат просторијата поради можно постоење закана за бомба.

На местото има засилено полициско присуство, а пристапот до дел од плоштадот е привремено ограничен додека трае проверката.
Екипи на полицијата и антитерористичката единица се на терен и го истражуваат случајот.

Makedonski