Уништени 83 килограми небезбедна храна во градинки и училишта низ државата

6

Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во септември уништија вкупно 83 килограми храна што не била безбедна за употреба, од кои 24 килограми во три детски градинки и 59 килограми во едно училиште.

Причината за уништувањето, како што информираат од АХВ, била несоодветно чување и погрешно декларирање на производите, а директорите на трите градинки добиле парични казни.

Контроли во 91 градинка и 23 училишта

Во текот на септември, инспекциските служби на АХВ спровеле 91 редовна контрола во детски градинки и 23 вонредни надзори во училишта на територија на цела држава.

„За утврдени недоследности издадени се девет решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки хигиената во кујните не била на задоволително ниво, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед за вработените во кујната,“ се наведува во соопштението на АХВ.

Од агенцијата додаваат дека три градинки се казнети, а 24 килограми храна се уништени поради неправилно складирање.

Недоследности и во училиштата

Од извршените контроли во училиштата, незадоволителни услови биле утврдени само во една училишна кујна, додека во две се забележани отстапки од добрата производствена и хигиенска пракса.

„Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна. Изречена е една парична казна и донесени се пет решенија за отстранување на констатираните неправилности,“ информираат од АХВ.

Агенцијата најавува дека ќе продолжи со редовни и вонредни контроли во установите каде што се подготвува храна за деца, со цел гарантирање на безбедноста и квалитетот на исхраната.

Makedonski