ДКСК: Над половина институции не доставиле податоци за службените возила
Согласно Изборниот законик, сите институции кои располагаат со државен капитал беа должни до 18 август 2025 година да достават податоци за службените возила до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Од вкупно 1.514 институции, податоци доставиле само 635 или 42 проценти, додека 879 институции (58 проценти) воопшто не ја исполниле законската обврска.
ДКСК на својата веб-страница го објави Регистарот на службени моторни возила, како и листа на институциите кои не доставиле информации. Според регистарот, досега се евидентирани 6.637 возила, од кои 5.456 се во возна состојба, 1.003 не се, а за 178 нема податоци.
Комисијата утврдила и несогласувања меѓу податоците што ги доставиле институциите и евиденциите на МВР – кај 66 проценти од институциите бројот на пријавени возила не се совпаѓа. Дополнително, 27 институции пријавиле возила кои воопшто не фигурираат во евиденцијата на МВР.
Со објавувањето на регистарот, ДКСК вели дека целта е да се зголеми транспарентноста и да се спречат евентуални злоупотреби на службените возила за време на изборната кампања.